Магазин

Совети

Исхрана на децата од предучилишна возраст во летните месеци

Сподели:

Предучилишниот период претставува исклучително важна фаза во растот и развојот на детето, кога се формираат навиките во исхраната кои честопати се задржуваат и во подоцнежниот живот. Затоа, правилната и избалансирана исхрана е еден од најзначајните предуслови за оптимален физички раст, когнитивен развој, добар имунитет и превенција на бројни заболувања.

Исхрана на децата од предучилишна возраст во летните месеци

Во текот на летните месеци, поради високите температури, организмот губи поголемо количество течности преку потење, а кај децата ризикот од дехидратација е поголем отколку кај возрасните.

Од тие причини, потребно е исхраната да биде лесна, разновидна, богата со свежи намирници и да обезбеди доволен внес на течности.

Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, децата треба секојдневно да консумираат разновидна храна од сите групи намирници. Не постои „совршена“ намирница што ги обезбедува сите хранливи материи, па затоа разновидноста е клучен принцип на здравата исхрана.

Во исхраната треба сите видови на главни групи хранливи материи треба да бидат застапени:

  • Јаглехидратите ни се потребни како главен извор на енергија, потребна за раст, играње, спортски активности и учење

  • Протеините ни се потребни за изградбата и обновување на ткивата, развоја на мускулите, коските и имунолошкиот систем

  • Здравите масти се потребни за развој на мозокот и нервниот систем, создавање хормони и апсорпција на липосолубилните витамини (А,Д,Е и К)

  • Витамини и минерали кои се потртебни за подршка на имунитетот, растот и правилното функционирање на организмот.

  • Водата е потребна за одржување на водно-електролитната рамнотежа, телесната температура и сите метаболни процеси.


Хидратација

Во летниот период, водата треба да биде прв избор за задоволување на потребите од течности. На децата треба да им се нуди вода редовно, особено по престој на отворено и по физичка активност. Треба да се избегнува честото консумирање газирани пијалаци, засладени сокови и производи со висока содржина на додадени шеќери.


Секојдневната исхрана треба да содржи:

  • три главни оброци и една до две здрави ужини;

  • најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно;

  • млечни производи како извор на калциум;

  • интегрални житарки наместо рафинирани кога е можно;

  • риба еднаш до двапати неделно;

  • ограничен внес на сол, шеќер и индустриски преработена храна.

Една од најважните теми е безбедноста на храната. Високите температури во летните месеци создаваат поволни услови за рамножување на бактерии поради што треба да внимаваме на:

  • храната да се чува во фрижидер согласно препорачаната температура;

  • подготвените оброци да не стојат долго на собна температура;

  • овошјето и зеленчукот темелно да се мијат пред употреба;

  • месото, рибата и јајцата да бидат добро термички обработени;

  • редовно да се одржува хигиена на рацете, садовите и работните површини.


Формирањето на здрави прехранбени навики започнува уште во најраната возраст. Со правилен избор на намирници, редовни оброци, доволен внес на вода и почитување на принципите за безбедност на храната, можеме значително да придонесеме за правилен раст и развој на децата и да создадеме основа за здрав живот во иднина.


Здравите навики во исхраната не се создаваат преку забрани, туку преку секојдневен позитивен пример. Детето учи од она што го гледа во семејството и во градинката.

Затоа, нашата заедничка улога е да создадеме средина во која здравиот избор ќе биде најлесниот избор.


Д-р Драгана Емел Маркоска Специјалист по педијатрија во ПЗУ „Јуниор Мед“ – Скопје