Магазин

Инспирации

Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“

Сподели:

Ивана и Тијана како мајка и тетка на две дечиња од предучилишна возраст, токму од нивното лично искуство, секојдневните предизвици и желбата на децата да им се понуди нешто повеќе, се роди и идејата за FILOS градинката.

Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“

Ивана Поповиќ Танеска и Тијана Поповиќ се доктори на науки и директорки на Filos Little Language Learners, со магистерски студии завршени во Велика Британија – Ивана во Лондон, а Тијана во Бат.

Но, пред сè, тие се мајка и тетка на две дечиња од предучилишна возраст – токму од нивното лично искуство, секојдневните предизвици и желбата на децата да им се понуди нешто повеќе, се роди и идејата за FILOS градинката.

Водени од заедничка визија за тоа како најмалите треба правилно да растат и да се развиваат, тие создадоа средина во која децата се поттикнуваат да бидат самостојни, сигурни во себе, љубопитни и емотивно стабилни, да учат природно и преку искуство и, чекор по чекор, да станат подготвени за големиот свет што ги очекува.

Училиштето за јазици FILOS зад себе има богата историја и докажан квалитет во наставата. Што беше пресудниот момент и инспирација од тоа искуство за да направите чекор понапред и да ја отворите првата приватна јазична градинка?


Низ долгогодишната работа на FILOS имавме можност да работиме со многу генерации деца и одблиску да го следиме начинот на кој тие учат и усвојуваат странски јазик. Она што постојано го забележувавме е дека колку порано детето е изложено на јазикот, и колку поприродно е тоа изложување, толку полесно го прифаќа и го користи без страв и несигурност.

Токму од тука произлезе идејата да направиме еден чекор понатаму – да создадеме средина во која јазикот нема да биде само час во текот на денот, туку дел од секојдневието на детето.

Така настана Filos Little Language Learners – како природно продолжение на она што FILOS го гради со години, но приспособено на најмалите. Сакавме да ги споиме грижата, воспитувањето, играта и раното учење со нашето долгогодишно искуство и докажана методологија во јазичното образование.

Кој е вашиот главен фокус и приоритет при креирањето на програмата?


Во центарот на нашата програма секогаш е детето. За нас е најважно децата да се чувствуваат сигурно, прифатено и среќно, бидејќи само во таква средина можат слободно да истражуваат, да комуницираат и да учат.

Програмата ја креираме така што истовремено го поддржува нивниот емоционален, социјален, когнитивен, моторен и јазичен развој. Не сакаме детето само да стекнува знаења, туку постепено да развива самостојност, љубопитност, самодоверба, креативност и способност да функционира во група.

Посебен фокус, секако, е јазичниот развој. Но нашиот пристап не е класичен – јазикот го интегрираме во секојдневните активности, така што детето го доживува како природен начин на комуникација, а не како дополнителна обврска.

На кој начин методологијата за учење јазици од FILOS ја прилагодивте за возраста од 2 до 6 години за јазикот да се усвојува природно и без притисок?


Кај децата од 2 до 6 години не можеме и не треба да очекуваме јазикот да се изучува на ист начин како кај поголемите деца. На оваа возраст тие најдобро учат преку игра, движење, повторување, музика, приказни и секојдневни ситуации.

Затоа методологијата на FILOS ја приспособивме така што странскиот јазик е присутен во нивната природна средина. Наместо детето постојано да има чувство дека „учи“, тоа слуша зборови и изрази додека игра, црта, пее, јаде, се облекува или учествува во различни активности.

Не инсистираме детето веднаш да зборува. Прво му даваме време да го слуша и разбере јазикот, а говорот доаѓа постепено и природно. На тој начин нема притисок, нема страв од грешка и детето гради позитивен однос кон странските јазици уште од најрана возраст.

Како изгледа еден типичен ден во вашата градинка и преку кои практични активности децата го слушаат и зборуваат јазикот во секојдневните ситуации?


Нашиот ден е динамичен и внимателно структуриран, но истовремено оставаме простор за детската спонтаност. Денот започнува со прием на децата и слободна игра, по што следуваат заеднички активности, разговор, едукативни и креативни задачи, музика, движење, престој на отворено и, секако, време за оброци и одмор.

Странскиот јазик е присутен во различни моменти од денот. На пример, преку поздравување, именување предмети и бои, песни, кратки инструкции, приказни, игри со движење, креативни работилници или едноставни прашања и одговори.

Многу ни е важно јазикот да има контекст. Ако зборуваме за овошје, сакаме детето да го види, допре, вкуси и именува. Ако учиме за природата, излегуваме надвор и ја истражуваме. Ако зборуваме за храна, можеме заедно да подготвиме нешто едноставно. Така зборот не останува само збор што треба да се запомни, туку станува дел од реално искуство.

Која е вашата главна идеја и цел со која сакате децата да излезат од вашата градинка кога ќе тргнат во училиште?


Нашата најголема цел е децата од нашата градинка да излезат самостојни, сигурни во себе и емоционално поткрепени, подготвени со доверба да го направат следниот чекор кон училиштето.

Сакаме да ги научиме дека можат сами да се соочуваат со предизвиците, да бараат решение кога ќе наидат на проблем, да не се плашат од грешките и да знаат дека секој нов обид е дел од учењето и растењето.

Подеднакво ни е важно да научат да ги препознаваат и изразуваат своите емоции, да покажуваат емпатија, да градат здрави односи со другите, но и да веруваат во сопствените способности.

За нас, вистинската подготовка за училиште не значи само колку букви, бројки или зборови знае едно дете. Многу поважно е каква личност станува – дали е љубопитно, самостојно, истрајно, дали знае да се снајде во нова средина и дали има храброст да се обиде и кога нешто не му е лесно.

Токму со таа основа сакаме секое наше дете да го започне своето следно поглавје.

УПИСИТЕ СЕ ВО ТЕК! 



Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“ — фотографија 1Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“ — фотографија 2Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“ — фотографија 3Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“ — фотографија 4Како јазикот станува игра: Приказната зад првата приватна јазична градинка „Filos Little Language Learners“ — фотографија 5