Инспирации
Кога мајчинството носи нова инспирација: Приказната на Ника за bebecito.mk
Започнувањето сопствен бизнис е предизвик сам по себе, но кога идејата ќе се роди во еден од најинтензивните периоди од животот, мајчинствотo - тогаш приказната добива посебна магија и автентичност.
Започнувањето сопствен бизнис е предизвик сам по себе, но кога идејата ќе се роди во еден од најинтензивните периоди од животот, мајчинствотo - тогаш приказната добива посебна магија и автентичност.
Денес ве запознаваме со Ника Зикова, професионалец во областа на човечките ресурси (HR), но и посветена мајка чиешто лично искуство го даде почетокот на една прекрасна приказнa. Во потрага по совршениот баланс помеѓу функционалноста и стилот за време на нејзиното породилно отсуство, Ника ја препозна потребата од модерна, практична и елегантна опрема за родители и деца. Таа e oсновач на Bebecito.mk, премиум онлајн дестинација која на нашиот пазар ги донесе реномираните шпански брендови Walking Mum, Pasito a Pasito и Miniland.
Во ова интервју, Ника отворено зборува за тоа како една лична потреба за практична чанта се претвори во успешен бизнис, кои се нејзините омилени производи, но и како реално се балансираат кариерата, бизнисот и секојдневните предизвици со мало дете.
Како се роди Bebecito.mk?
Идејата за Bebecito се роди многу природно, додека бев на породилно отсуство и се адаптирав на секојдневието со бебе. Како и секоја first-time мајка, започнав да истражувам производи кои би ми го олесниле секојдневието.
Мојата потрага започна по практична, но истовремено и стилска торба за мајки – нешто што ќе собира сè што ни треба (а знаеме дека на почетокот со бебе секогаш ти фали простор плус 😊), но сепак да не изгледа како класична торба за пелени.
Токму преку тоа истражување ги открив шпанските брендови Walking Mum и Pasito a Pasito, кои веќе неколку децении се присутни низ Европа и се препознатливи по совршениот баланс помеѓу дизајнот и функционалноста. Ме освои тоа што нивните производи се создадени да донесат повеќе леснотија, повеќе организација и повеќе простор за уживање во моментите што навистина значат.
Сосема природно се појави мислата: зошто овие брендови да не бидат лесно достапни и за другите мајки кај нас?
Така започна приказната на Bebecito (на шпански бебенце) - со најголема поддршка од сопругот ❤️.
Набрзо нашето портфолио го надополни и уште еден шпански бренд - Miniland, кој совршено се вклопи во нашата визија.
Денес Bebecito нуди внимателно избрани шпански производи со долгогодишна традиција и докажан квалитет. Нашата цел е да создадеме мала, но значајна on-the-go поддршка за динамичното секојдневие со деца - производи кои ќе го олеснат денот и ќе остават повеќе простор за она што навистина е важно.
Што беше тоа што ве освои кај овие брендови на прв поглед, а почувствувавте дека им недостасува на мајките кај нас?
Како мајка, знам дека малите практични решенија прават огромна разлика - добро организирана торба, додаток кој го олеснува движењето или производ кој едноставно го прави денот полесен.
Верував дека и кај нас има многу родители кои го бараат токму тоа - квалитетни и функционални производи кои истовремено се убави и стилски, без потреба да прават компромис.
Како мајките тука реагираа на нивниот дизајн кога за првпат ги видоа производите?
Реакциите беа навистина позитивни и тоа дополнително ни беше голема мотивација.
Најчестиот feedback што го добиваме од мајките е дека производите не се само убави на изглед, туку навистина се создадени за секојдневието со дете - функционални, добро осмислени и практични.
Особено ни значи што мајките препознаваат дека не мора да изберат помеѓу практичност и стил, туку можат да имаат производи кои им го олеснуваат денот и истовремено им носат задоволство секогаш кога ги користат.
Доколку треба да издвоите еден производ од асортиманот кој е апсолутен must-have за секоја нова мајка, кој би бил тоа?
Би рекла ранец за мама - токму од таму започна и мојата потрага.
Практичен, простран, добро организиран и со подлога за пресоблекување – производ кој навистина се користи секој ден. А кога на тоа ќе се додаде прекрасен дизајн, станува нешто што мајките со задоволство го носат.
Јас лично сум голем fan на сите Flowers колекции. 😊
Како успевате да ги усогласите деловните обврски со секојдневните предизвици на мајчинството?
Има денови кога сè оди лесно и организирано, а има и денови кога едноставно ништо не оди според планот – и тоа е сосема нормално.
HR професијата е нешто што навистина го сакам и е мојот професионален пат, а мајчинството беше најголемата животна промена која ми донесе нова перспектива и инспирација за создавањето на Bebecito.
Колку и да се трудам да најдам совршен баланс, со текот на времето сфатив дека тој не постои секој ден - и тоа е во ред. Научив дека не мора секој ден да биде совршено организиран.
Важно е да работиш нешто што навистина го сакаш, бидејќи токму тоа ти дава сила и енергија да го дадеш најдоброто од себе, дури и во деновите кога мислиш дека ја немаш.
Кој е највредниот совет што би им го дале на сите мајки кои сонуваат да започнат сопствен бизнис, но се двоумат да го направат првиот чекор?
Да не чекаат совршен момент, затоа што најчесто не постои.
Многу убави идеи се раѓаат токму од сопствените потреби и искуства. Ако нешто ве инспирира и навистина верувате во тоа што го создавате, вреди да го направите првиот чекор без премногу сомнежи и постојаното прашање „а што ако не успее?“.
Мајчинството ми покажа дека сме многу поспособни отколку што понекогаш мислиме. Понекогаш една мала лична потреба може да биде почеток на нешто многу поголемо.
