Совети
Од мајчинско искуство до сопствен бизнис: Приказната зад TeddyCo Baby
Зад секоја успешна идеја често стои лична приказна, а зад TeddyCo Baby стои една мајка која преку сопственото искуство го препознала просторот за нешто повеќе.
Теодора е мајка, магистер по бизнис информатика и основач на TeddyCo Baby, современа интернет продавница создадена со многу љубов, посветеност и јасна визија.
Мајчинството за неа не било само ново животно поглавје, туку и инспирација за создавање сопствен бизнис. Токму секојдневните предизвици, потреби и мали радости што ги носи родителството ја поттикнале идејата да создаде онлајн место кое ќе биде практично, внимателно осмислено и блиско до современите родители.
Во продолжение, низ разговор со Теодора, откриваме повеќе за вредностите, скандинавската естетика и посветеноста што стојат зад овој омилен бренд за бебиња и деца.

TeddyCo Baby е единствен официјален увозник за Македонија на светски познатите дански брендови Cam Cam Copenhagen и Fabelab. Колку беше предизвикувачки да се донесе овој врвен скандинавски стандард на нашиот пазар и што за вас лично значи фактот што македонските родители конечно имаат директен пристап до овие безвременски парчиња?
Да се донесат брендови како Cam Cam Copenhagen и Fabelab на македонскиот пазар секако беше предизвик, но токму тоа беше и мотивацијата. Кога започнав со TeddyCo Baby, сакав да создадам нешто повеќе од онлајн продавница – сакав да им понудам на родителите избор на производи кои се убави, но истовремено и практични и квалитетни. Кај овие брендови не е фокусот само на естетиката, туку за идејата дека секој производ треба да има своја функција, да трае и да биде дел од секојдневниот живот на семејството.
Cam Cam Copenhagen на пример, прекрасно ја спојува скандинавската едноставност со нежни детали и безвременски дизајн, а нивните производи се изработени со сертифицирани органски материјали. Најмногу ми значи тоа што денес македонските родители можат да ги пронајдат овие брендови директно кај нас, без да мора да бараат начини да ги набават од странство. Но, уште поважно, можам да забележам дека постепено се создава заедница на родители кои препознаваат дека кога купуваме нешто за нашите деца, не мора да правиме компромис меѓу убавината, функционалноста и квалитетот.
Преку префинетите, безвременски принтови вие нудите совршен баланс меѓу естетиката за домот и детската фантазија. Како овие производи придонесуваат за создавање мирно, а сепак инспиративно опкружување за растење на најмалите?
Мислам дека просторот во кој расте едно дете има поголемо значење отколку што понекогаш сме свесни. Тој треба да биде место каде што детето ќе се чувствува сигурно и мирно, но истовремено и место кое ќе ја поттикнува неговата љубопитност и фантазија. Кога ги избирам производите за TeddyCo Baby, секогаш размислувам и за тоа како тие ќе изгледаат во еден вистински дом, а не само на фотографија.
Сакам да бидат убави за родителите, но пред сè да бидат интересни и корисни за децата. За мене, најубаво е кога детската соба не изгледа како совршено уреден каталог, туку како вистинско мало детско царство, со простор за одмор, за игра, за приказни, за креативност и за создавање спомени. Ако еден производ успее да придонесе за такво чувство, тогаш знам дека сме направиле добар избор.

Изборот на производи за бебе е исклучително личен и емотивен процес за секој родител. Како TeddyCo Baby ја гради довербата кај своите купувачи кога бараат го само најдоброто за своите деца?
Довербата, според мене, се гради со искрен однос и со внимателен избор на производите што ги нудиме. Како мајка, и јас секојдневно сум во истата позиција како и нашите купувачи, внимавам што користи моето дете, од какви материјали е направено и дали навистина ќе ни биде практично во секојдневието. Токму затоа, кога избирам производи за TeddyCo Baby, не го гледам само физичкиот изглед. Секогаш се прашувам: „Дали ова би го избрала и за моето дете?“ Ако одговорот е да, тогаш знам дека е производ кој со задоволство би им го понудила и на другите родители.
Секогаш се трудам и комуникацијата со купувачите да биде искрена и лична. Понекогаш на родителот му треба совет или насока, а не само препорака за купување. Сакам да знаат дека зад TeddyCo Baby стои некој кој ги разбира нивните потреби од лично искуство. На крајот од денот, најголемо признание ни е кога родителите повторно се враќаат, ни веруваат и за следната фаза од растењето на нивното дете и од срце нè препорачуваат на други родители. Тоа е довербата што најмногу значи.
Што беше главниот поттик да го создадете TeddyCo Baby и како скандинавскиот дизајн и пристап кон детството ја обликуваа вашата визија за создавање производи што се пренесуваат од генерација на генерација?
Главниот поттик за создавањето на TeddyCo Baby всушност произлезе од моето лично искуство како мајка. Кога го добив моето бебе, почнав многу повеќе да размислувам и истражувам за тоа што користиме секојдневно – што внесуваме во домот, од какви материјали се производите и колку се безбедни, но и реално практични. Често ми се случуваше да видам нешто што навистина ми се допаѓа, но да не можам да го купам кај нас. Тогаш сфатив дека би сакала токму такви производи да им бидат достапни и на македонските родители – убави, квалитетни, практични и со безвременски дизајн. Токму тоа сакав да го имам достапно за моето бебе и токму тоа сакам денес да им го понудам и на другите родители преку TeddyCo Baby.

Што би им порачала на сите оние мајки кои во моментов имаат сон или креативна идеја, но се двоумат или се плашат да го направат првиот чекор кон сопствен бизнис?
Би им рекла: Не мора да го имате целиот пат испланиран за да го направите првиот чекор. Почнете со тоа што го имате, со малку време, со многу љубов и со верба во себе. Како мајки, често сите други ги ставаме на прво место и понекогаш забораваме дека и нашите соништа се важни.
Но, не е себично да создавате нешто свое. Напротив, убаво е нашите деца да гледаат мајка која се осмелила да сонува, да создава и да не се откаже.



