Магазин

Интервју

Приказни што инспирираат и поврзуваат: Марија Пејоска и Сања Арсова за детската фантазија, книгите и училницата без граници

Сподели:

Како изгледа кога училницата ќе се пресели меѓу кориците на една книга, а наставничкото искуство прераснува во незаборавна детска авантура?

Марија Пејоска и Сања Арсова се две млади авторки и професорки по јазици кои секојдневно го споделуваат светот со најмладите, но и активно го обликуваат преку своето литературно творештво.

Марија, преку својата дебитантска илустрирана книга „Најмалечкиот сон што порасна голем“, на децата им подарува топла приказна за емпатијата, ненасилната комуникација и вербата во сопствените соништа. Од друга страна, Сања — основач на English Language Academy (ELA) и авторка на популарната интерактивна серија „Мали диви детективи“ — внесува свеж, нордиски дух во домашната литература, претворајќи ги младите читатели во вистински истражувачи и детективци.

Во ова интервју, со Марија и Сања разговараме за границата помеѓу јазичното образование и уметноста на раскажувањето, за предизвикот да се задржи вниманието на децата во дигиталното време, како и за мисијата преку книгите да се градат не само читатели, туку емпатични, љубопитни и добри луѓе.

1. За почеток, кажете ни што ве инспирираше да направите чекор од јазичното образование и училницата кон создавањето сопствени приказни за деца? Кога и како се родија идеите за вашите книги? 

Марија: Преминот од училницата кон пишувањето приказни за деца за мене дојде некако природно. Работејќи со деца, секојдневно ја гледав нивната фантазија, љубопитност и искрен начин на кој го доживуваат светот. Токму тие моменти ме инспирираа да создадам приказни во кои децата ќе можат да се препознаат, но и да пронајдат порака што ќе ги поттикне да веруваат во себе и во своите соништа.

Сања: Мислам дека јас никогаш вистински не излегов од светот на книгите. Само сменив место, од училницата се преселив и меѓу страниците. 😊

Со книги сум поврзана многу долго време, а кога се во прашање „Мали диви детективи“, најголемо влијание врз мене имаше нордиската литература. Таму детективските книги за деца се огромен хит. Децата растат со нив, решаваат мистерии, бараат траги, размислуваат и се натпреваруваат кој прв ќе го открие виновникот. И тогаш си помислив, добро, а каде се ваквите книги кај нас? И сфатив дека практично ги нема.

2. Вашата книга „Најмалечкиот сон што порасна голем“ носи силен естетски концепт, но и педагошка порака за емпатија и ненасилна комуникација. На кој начин вашето богато искуство како професорка по јазици и познавањето на детскиот развој ви помогнаа да го обликувате овој текст за да биде соодветен и за домашно читање, но и за работа во училница?

Марија:  Моето искуство како професорка по јазици многу ми помогна да бидам внимателна со изборот на зборовите, јазикот и начинот на кој се пренесува пораката. Сакав приказната да биде едноставна и блиска до децата, но истовремено да отвора простор за разговор за емпатијата, разбирањето и ненасилната комуникација.

Познавањето на детскиот развој ми помогна пораките да не ги наметнувам директно, туку да ги пренесам преку ликовите и нивните постапки. Така, книгата може да се чита дома како приказна, но и во училница да стане поттик за разговор, прашања, активности и развивање на емоционалната писменост кај децата.

НАРАЧАЈ ЈА ОВДЕ 

3. Со оглед на тоа што со години работите на развој и продукција на дигитални книги за деца во соработка со меѓународни компании, како тоа искуство ја обликуваше концепцијата на вашата авторска серија „Мали диви детективи“? 

Што е она што ги прави овие книги современи и блиски до денешните деца?

Сања: Мислам дека тоа искуство ми беше една од најголемите предности кога почнав да ги создавам „Мали диви детективи“. Долго време сум во светот на книгите, и на детските книги и на книгите за возрасни, а работејќи во две компании кои создаваа апликации за дигитални книги, имав можност да запознаам огромен број книги од различни земји и култури. Особено ме фасцинираше нордиската детска литература. Таму детективските приказни за деца се вистински феномен. И многу ми беше интересно што нешто што е толку популарно кај децата во Скандинавија, кај нас речиси воопшто не постои.

Затоа сакав да создадам македонски детски детективи, но не само да ја копирам формата. Сакав детето да биде дел од приказната. Да бара траги, да поврзува работи, да решава шифри, да забележува детали и, најважно, да размислува. Затоа книгите се интерактивни. Не сакам детето само да ја врти страницата за да види што ќе се случи понатаму. Сакам да застане и да каже: „Чекај... овде нешто не ми се совпаѓа!“ 

А нешто што особено ми е драго е што книгите навистина најдоа пат до децата. Првата книга веќе е на трето издание, а втората на второ издание, и се продаваат навистина екстремно брзо. Тоа за мене е најубавиот доказ дека и кај нас постои огромен интерес за ваков тип литература.

НАРАЧАЈ ЈА ОВДЕ 

4. И двете предавате странски јазици и секојдневно работите со млади читатели. Колку тој непосреден контакт со детската имагинација и нивната перцепција за светот ви помага да го најдете вистинскиот тон кога пишувате на македонски јазик?

Марија: Секојдневниот контакт со децата ми е огромна инспирација. Тие се искрени, љубопитни и светот го гледаат на многу поинаков начин од возрасните. Токму преку разговорите со нив учам дека едноставноста не значи површност и дека вистинската приказна треба да остави простор детето само да почувствува и да размисли.

Кога пишувам на македонски, се обидувам да го задржам тој природен, топол и близок тон што децата ќе го разберат, но и ќе го почувствуваат како свој. Тоа не значи дека ја исклучуваме можноста дека нема да ги преведеме на други јазици. :)

Сања: Огромно. Децата се најискрениот „уредник“ што можете да го имате. 😊 Ако нешто не им е интересно ќе знаете за три секунди. Нема дипломатски одговор, нема „многу убаво, но можеби би можело малку да се подобри“. Едноставно ќе престанат да слушаат.

Бидејќи секојдневно работам со деца, многу добро знам што ги насмева, што им го задржува вниманието и што ги тера да поставуваат дополнителни прашања.

И многу од ликовите во „Мали диви детективи“ се вистински луѓе од мојот свет, барем главните ликови се инспирирани од луѓе што ги познавам. 😊 А се обидувам и многу од моите секојдневни смешни ситуации да ги внесам во приказните.

На тој начин книгата станува малку „мојот свет“, но виден низ детски очи. Мислам дека токму затоа приказната им е блиска на децата, бидејќи иако е детективска, во неа има многу ситуации што можат да им се случат и ним.


5. Денес сè почесто се зборува за предизвикот да се задржи вниманието на децата во дигиталната ера. Според вас, каков пристап треба да имаат современите авторски дела за деца, преку илустрациите, интеракцијата или самата фабула за да го поттикнат нивниот интерес за читачка писменост и критичко размислување?

Марија: Мислам дека литературата за деца треба да биде доволно интересна за да го привлече детето, но и доволно богата за да го задржи неговото внимание. Илустрациите имаат голема улога, бидејќи преку нив детето дополнително ја доживува приказната и открива детали. Сепак, најважна е самата приказна, таа треба да поттикнува прашања, љубопитност и сопствено размислување. Кога детето не добива готови одговори, туку простор да замислува, да поставува прашања и да го толкува она што го чита, тогаш книгата станува многу повеќе од забава, станува алатка за развивање читачка писменост и критичко размислување. :)

Сања: Не мислам дека треба да се бориме против дигиталниот свет. Тој веќе е тука и нема да си замине затоа што ние сме решиле да го игнорираме. 😊 Наместо тоа, мислам дека треба да направиме книги што ќе бидат доволно интересни за децата да сакаат да ги отворат. За мене интеракцијата е многу важна. Сакам читателот да биде вклучен во целиот процес. Во „Мали диви детективи“ детето не е само публика туку тоа е детективот. Илустрациите треба да му помагаат на детето да ја истражува приказната, а фабулата треба да му даде причина да продолжи. Но најважно ми е книгата да го натера да размислува. Да забележи нешто што возрасниот можеби не го забележал. Да донесе сопствен заклучок. Да погреши, повторно да размисли и да проба уште еднаш.

За мене тоа е најубавата форма на читање, кога детето не прашува „Колку страници останаа?“, туку „Чекај, а што ако виновникот е...?“ 😊

6.  Што би сакале најмладите читатели (но и нивните родители и наставници) да понесат со себе откако ќе ги прочитаат вашите сликовници?

Марија: Најмногу би сакала децата да понесат со себе верба дека секој сон е вреден, без разлика колку мал изгледа на почетокот. Да научат да бидат љубопитни, храбри и внимателни кон чувствата на другите. 

Од родителите и наставниците би сакала книгите да бидат поттик за разговор со децата за нивните желби, стравови, чувства и начинот на кој го гледаат светот. Ако по читањето остане некоја мисла, прашање или желба кај детето да сонува уште поголемо, тогаш сметам дека книгата ја исполнила својата цел.

Сања: Најмногу би сакала да понесат љубов кон книгите. Да почувствуваат дека читањето не е домашна задача, туку авантура.

Но би сакала да понесат и нешто повеќе од самата приказна, љубопитност, храброст да поставуваат прашања, способност да размислуваат со своја глава и, пред сè, човечност.

Децата се целиот мој свет. И токму затоа и сè што правиме во English Language Academy е направено со огромна љубов и посветеност. Ние не ги учиме децата само јазици. Сакаме да ги научиме да бидат добри, емпатични и хумани луѓе. Тоа го правиме и преку нашите работилници и хуманитарни базари. Организираме активности преку кои децата учат дека можат да помогнат некому на кој му е потребна помош.

Затоа, за мене најважното нешто што може да го понесе едно дете од книгата, од училницата или од која било наша активност е насмевка и чувство дека може да направи нешто добро. А искрено, ништо не ми е поважно од радоста на децата.

7. Кои се вашите идни планови кога се во прашање детската литература и едукативните работилници?

Марија: Уф, идни планови... еден тон убави! Би сакала секогаш да имам инспирација да творам, да создавам дела и да создавам ликови кои ќе пренесуваат пораки и ќе ја будат фантазијата на секое дете. Се надевам за брзо ќе излезе уште една сликовница која ќе ја разбуди детската љубопитност и ќе го натера да има поголема желба за сонување. 

Паралелно, сакам да продолжам со едукативните и креативните работилници, бидејќи токму непосредната средба со децата ми е најголема инспирација. Би сакала книгите да не завршуваат со последната страница, туку да продолжуваат низ разговор, игра, цртање и заедничко создавање.

Сакам да продолжам да се гордеам со работата во нашето училиште со огромно срце English Language Academy, на сите наши ученици што творат, учат, прават хуманитарни настани! И не е крај тука, имам уште многу :)

Сања: Имам многу идеи, можеби и премногу. 😊 Понекогаш имам чувство дека главата ми работи побрзо отколку што можам да ги реализирам сите. Но тоа е убав проблем да го имаш.

Сакам да продолжам со „Мали диви детективи“, да создадам уште многу приказни, мистерии и ликови во кои децата ќе се препознаат и со кои ќе растат. Сакам книгите да продолжат да бидат нешто што не само што ќе го читаат, туку и ќе го истражуваат, ќе го решаваат и ќе го доживуваат.

Сакам да продолжам и со работилниците, бидејќи верувам дека најубавото учење е она во кое детето не ни забележува дека учи.

Но, ако треба да бидам целосно искрена, мојот најголем план и желба е многу поедноставен од сите овие проекти.

Сакам да продолжам да создавам нешта што ќе ги радуваат децата.

Затоа што, по толку години поминати со книги, деца и образование, сфатив дека можеби најголемата награда не е ниту продадена книга, ниту полна училница, ниту успешна работилница.

Најголемата награда е кога ќе го видиш детето како се смее додека ја чита твојата книга. Кога ќе ти дојде и ќе ти каже дека ја решило мистеријата пред сите други. Кога ќе те прегрне затоа што нешто што си го создал му значело.

И можеби токму затоа сè што правам, и книгите, и работилниците, и работата во English Language Academy, и хуманитарните активности на крајот имаат иста цел.

Да им дадеме на децата знаење, но и убави спомени. Да ги научиме јазици, но и човечност. Да им помогнеме да станат паметни, но и добри луѓе. Можеби еден ден ќе заборават која книга прва ја прочитале или која лекција прва ја научиле. Но се надевам дека нема да заборават како се чувствувале кога некој верувал во нив, ги слушал, ги охрабрувал и им покажал дека можат да направат нешто добро. Тоа е она што сакам да им го оставам.