Магазин

Интервју

Раната интервенција е клуч за детскиот развој: Разговор со логопед Ивана Гугоска

Сподели:

Говорот и комуникацијата се меѓу најважните столбови во правилниот детски развој, но сè почесто родителите се соочуваат со разни предизвици.

Раната интервенција е клуч за детскиот развој: Разговор со логопед Ивана Гугоска

Говорот и комуникацијата се меѓу најважните столбови во правилниот детски развој, но сè почесто родителите се соочуваат со разни предизвици на овој пат од доцнење во прозборувањето до влијанието на екраните врз детското внимание. За сите овие дилеми, важните знаци за тревога и моќта на раната интервенција, разговараме со Ивана Гугоска oд Логопедски кабинет „Зборче“, дипломиран логопед со четиригодишно искуство во работата со деца од сите возрасти.

Детската желба да биде наставничка по германски јазик и љубовта кон биологијата, Ивана природно ги преточува во студиите по логопедија на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што ги спојува медицината и науката за јазикот. Преку индивидуализиран пристап, постојана едукација и цврста соработка со родителите, таа секојдневно им помага на најмладите да го пронајдат својот глас.

Во продолжение, прочитајте го целото интервју со Ивана за најчестите предизвици во нејзината практика, ролканстер-ефектот на дигиталните уреди и зошто родителската интуиција е најдобриот водич.

Кои се најчестите говорно-јазични предизвици со кои се среќавате во вашата секојдневна пракса?

Децата се почесто се соочуваат со разновидни говорно-јазични нарушувања. Како најчести во мојата пракса би ги издвоила дислалиите, односно неправилниот изговор на еден или повеќе гласови. Зад нив следи аграматизмот (несоодветно изразување од граматички аспект) и јазичните нарушувања сродни на него, а и пелтечењето, кое е најчесто нарушување на флуентноста на говорот во детска возраст.

Kои се првите знаци и сигнали што родителите треба да ги забележат кај децата за навреме да побараат консултација со логопед?

Секогаш велам дека родителската интуиција е најдобар знак: никогаш не е прерано за логопедски преглед! Но, поконкретно може да кажеме доколку кај детето има отстапки од развојните норми за говорот и јазикот: отсуство на прв збор и по 15 месеци, дете кое не формира реченица од два збора на 2 години, отсуство на невербална комуникација (гестови и слично), пелтечење подолго од 6 месеци или неправилен изговор на гласови, вреди да се закаже консултација со логопед.

Колку е важна улогата на родителите и домашните вежби за успехот на логопедската терапија?

Детето вообичаено доаѓа на логопед 2 пати неделно. За мозокот да може да научи нови говорно-јазични обрасци, тоа не е доволно.

Со спроведување на вежбите и насоките за дома, се постигнува квалитетен, ефективен и сеопфатен пристап, кој ги зголемува шансите за успех. Родителот е најдобриот логопед за детето!

Како дигиталните уреди влијаат врз развојот на говорот кај децата денес?

Живееме во дигитално време, во кое модерната технологија е неизбежна, па и корисна. Но, кога станува збор за детскиот говорно-јазичен развој, тоа и не е баш така. Говорот се учи преку двонасочност: детето сака да испрати некаква порака, соговорникот ја прима и праќа порака назад. Содржините, како цртани филмови и видеа, не се соговорник! Даваат само еднонасочни информации, при што, доколку се користат прекумерно, детето чувствува помала потреба за вербална комуникација со околината. 

Дополнително, денешните содржини за деца се одвиваат со многу брзо темпо и силни бои, што може да го намали опсегот на насоченоста на вниманието и трпението кај децата. 

Што би им порачале на родителите кои се соочуваат со страв или несоодветни информации кога нивното дете има доцнење во говорот?

Како што споменав претходно, никогаш не е прерано за на логопед! Слушајте си ја интуицијата, па без разлика што вели околината, доколку имате било каква дилема, обратете се кај стручно лице - логопед.

Логопедски кабинет „Зборче“

📞071 461-388
logoped.zborce@gmail.com