Магазин

Совети

Логопедот Ивана Илијоска стои зад стотици детски насмевки и први зборови

Сподели:

Денес разговаравме со Ивана Илијоска, дипломиран логопед и специјалист по клиничка логопедија, со повеќе од 15 години професионално искуство во областа на говорно-јазичниот развој.

Таа е основач и директор на „Логопедски Кабинет Од А до Ш“ во Скопје, основан во 2016 година. Нејзината работа е насочена кон процена, превенција и третман на говорно-јазичните нарушувања кај децата, со посебен акцент на раната стимулација и навремената интервенција. Креатор е на едукативниот курс „Првиот збор на бебето“, наменет за родители кои сакаат да го поддржат говорниот и јазичниот развој на своите деца уште од најрана возраст.

1. Кажете ни нешто повеќе за вашиот професионален пат и што ве мотивираше да ја изберете оваа професија?

Отсекогаш сум сакала да работам со деца. Мајка ми е дефектолог и уште од мала ме интересираше нејзината работа. Преку неа се запознав со различностите во развојот и некако природно почнав да се пронаоѓам во оваа област.

Кога се отвори студиската програма за логопедија, бев дел од втората генерација студенти. Тогаш некако сите коцки се поклопија и сфатив дека тоа е професијата во која сакам да се развивам.

Денес зад себе имам околу 15 години искуство, а во мај 2016 година го отворив сопствениот логопедски кабинет „Од А до Ш“. Посебно ме исполнува тоа што можам да им помогнам на децата да го развијат својот потенцијал и да стекнат самодоверба преку комуникацијата.

2. Кои се најголемите предизвици во вашата секојдневна работа?

Еден од најголемите предизвици е навременото препознавање на тешкотиите во говорно-јазичниот развој. Сè уште често слушаме: „Ќе прозборува само“ или „И татко му прозборел подоцна“.

Секое дете има свое темпо на развој, но важно е да ги препознаеме развојните показатели и да не губиме драгоцено време. Друг голем предизвик е да им објасниме на родителите дека нивната улога е многу важна и дека развојот на говорот не се случува само во логопедскиот кабинет, туку и преку секојдневната комуникација дома.

3. Кои алатки, дидактички материјали и апликации ги користите во работата со децата?

Во работата комбинирам класични дидактички материјали, игри и специјализирани логопедски алатки, во зависност од потребите на секое дете.

Користиме логопедски сонди, вибромасажер, слушалки Forbrain, кои работат на принципот на коскена спроводливост, како и Mobilic – апликација што ја користиме како дополнителна алатка во логопедскиот третман.

Сметам дека современите алатки можат да ја збогатат нашата работа, но најважно е правилно да ги избереме и да знаеме како да ги примениме според индивидуалните потреби на детето.

Технологијата е поддршка во третманот, но никогаш не може да ја замени живата комуникација, играта и интеракцијата со детето.

4. Кога е вистинското време родителите да се обратат на логопед?

Мојот совет е родителите да не чекаат детето да наполни три години ако забележуваат отстапувања во говорно-јазичниот развој.

Развојот на говорот започнува многу пред првиот збор. Ги следиме реакциите на звуци, гестикулацијата, разбирањето, заедничкото внимание и обидите за комуникација.

Ако детето не ги достигнува очекуваните развојни показатели, добро е навреме да се направи процена. Тоа не значи дека секое дете ќе има потреба од третман, но родителите ќе добијат стручни насоки и ќе знаат како да продолжат.

Подобро е навреме да се направи процена отколку со месеци да се чека детето само да прозборува.

5. Која е најчестата грешка што родителите ја прават во комуникацијата со децата и како можат да го стимулираат говорот дома?

Една од најчестите грешки е постојаното испрашување и барањето детето да повторува по нас. Наместо комуникацијата да ја претвориме во испитување, треба да му бидеме добар говорен модел.

На пример, ако детето каже „топка“, можеме да надградиме со „Да, голема топка!“ или „Топката скока!“. Важно е да зборуваме во секојдневните ситуации, да ги следиме интересите на детето и да му дадеме простор да комуницира.

Токму затоа го создадов и курсот „Првиот збор на бебето“ – за родителите да научат како уште од најрана возраст да го стимулираат говорно-јазичниот развој преку секојдневните активности.

На децата не им се потребни совршени родители, туку родители кои се присутни, ги слушаат и комуницираат со нив.


Логопедот Ивана Илијоска стои зад стотици детски насмевки и први зборови — фотографија 1Логопедот Ивана Илијоска стои зад стотици детски насмевки и први зборови — фотографија 2