Магазин

Совети

Kанабидиолот (CBD) во современиот пристап кон развојните, емоционалните и бихејвиоралните тешкотии кај децата

Сподели:

Во овој текст, ас. д-р Билјана Гагачовска, супспецијалист по детска и адолесцентна психијатрија од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје, го разгледува местото на канабидиолот (CBD) – вклучително и маслените формулации КАНОИЛ на Реплек – како дополнителен терапевтски пристап кон развојните, емоционалните и бихејвиоралните тешкотии кај децата.

Предучилишната и раната училишна возраст се период на интензивно созревање на нервниот систем, во кој детето постепено ги развива способностите за комуникација, учење, социјализација, контрола на однесувањето и регулирање на сопствените емоции. Начинот на кој се одвиваат овие процеси во голема мера го определува понатамошното психолошко, когнитивно и социјално функционирање на детето.

Кај дел од децата, развојот на овие способности е проследен со изразени тешкотии. Родителите секојдневно се соочуваат со прекумерен немир, раздразливост, импулсивност, бурни емоционални реакции, тешкотии во одржувањето на вниманието, нарушувања на сонот, стравови или повторувачки движења и звуци.

Она што родителите често го доживуваат како непослушност, тврдоглавост или проблематично однесување, всушност може да биде манифестација на недоволно развиени механизми за саморегулација. Детето не секогаш располага со капацитет да го контролира сопственото однесување, да ја препознае внатрешната напнатост или соодветно да одговори на барањата на средината.

Во современите третмани покрај психолошките, дефектолошките, логопедските и конвенционалните фармаколошки интервенции, внимание се посветува и на дополнителните терапевтски пристапи со кои би можеле да се ублажат овие тешкотии.

Во тој контекст значајно место како дополнителна терапевтска можност зазема канабидиолот (CBD), достапен и во маслените формулации КАНОИЛ на Реплек.


Што е канабидиол и зошто е значаен за функционирањето на нервниот систем?

Канабидиолот, познат како CBD, е една од природните компоненти на растението канабис. За разлика од тетрахидроканабинолот (THC), CBD не предизвикува еуфорија, интоксикација или типични промени во перцепцијата поврзани со употребата на THC.

Неговиот терапевтски потенцијал се поврзува со влијанието врз повеќе невробиолошки механизми, меѓу кои и ендоканабиноидниот систем – сложен регулаторен систем кој природно постои во човечкиот организам и учествува во одржувањето на неговата физиолошка рамнотежа.

Овој систем има значајна улога во регулацијата на емоционалните реакции, стресниот одговор, сонот, апетитот, меморијата и активноста на нервниот систем.

Особено е интересно потенцијалното влијание на канабидиолот врз механизмите кои учествуваат во регулирањето на прекумерната невронска активност, емоционалната реактивност и психофизиолошката напнатост.

Овие механизми се заеднички за повеќе клинички состојби во детската возраст, што го објаснува интересот за примена на канабидиолот кај деца со различен развоен и клинички профил.


Растројства од аутистичниот спектар

Кај децата со растројства од аутистичниот спектар, покрај специфичностите во говорот, комуникацијата и социјалната интеракција, честопати се присутни изразена раздразливост, психомоторен немир, сензорна преосетливост, ригидност во однесувањето, нарушувања на сонот и тешкотии во емоционалната регулација.

За овие деца, секојдневните ситуации кои за повеќето луѓе се вообичаени можат да претставуваат значително оптоварување. Погласен звук, промена на дневната рутина, престој во просторија со повеќе луѓе, одредена текстура на облеката или храната можат да предизвикаат интензивна вознемиреност.

Кога детето нема доволно развиени механизми за справување со ваквото оптоварување, реакцијата може да биде проследена со плачење, врескање, агресивност, автоагресивност, повлекување или повторувачки движења.

Кај дел од децата кои примале CBD-богати формулации се забележани позитивни промени во однос на раздразливоста, бихејвиоралните испади и емоционалната напнатост, иако одговорот на третманот е индивидуален.

Клиничкото значење на ваквите промени е многу пошироко од едноставното смирување на детето. Намалувањето на вознемиреноста може да создаде услови за подолготрајно задржување на вниманието, подобра соработка, полесно прифаќање на нови активности и поактивно учество во логопедските и дефектолошките третмани.

Канабидиолот не го лекува аутизмот. Целта на неговата дополнителна примена е насочена кон придружните симптоми кои го ограничуваат функционирањето на детето и го отежнуваат искористувањето на неговите способности.


АДХД, хиперактивност и импулсивност

Растројството со дефицит на внимание и хиперактивност (АДХД) е едно од најчестите невроразвојни растројства во детската возраст.

Иако најчесто се препознава преку прекумерна моторна активност, импулсивност и тешкотии во одржувањето на вниманието, кај голем број деца со АДХД особено изразени се тешкотиите во емоционалната регулација.

Овие деца лесно се вознемируваат, тешко поднесуваат неуспех, реагираат бурно кога нешто не се одвива според нивните очекувања, тешко го чекаат својот ред и честопати реагираат пред да успеат да ги согледаат последиците од сопственото однесување.

Кај нив може да постои и постојана внатрешна напнатост, која дополнително ги интензивира моторниот немир, импулсивноста и тешкотиите во концентрацијата.

При разгледувањето на дополнителната примена на канабидиолот кај овие деца, клиничкиот фокус е првенствено насочен кон придружната емоционална напнатост, раздразливоста и нарушувањата на сонот.

Намалувањето на овие тешкотии има позитивни импликации врз однесувањето на детето, неговата адаптација во училишната средина, односите со врсниците и способноста да учествува во структурирани активности.

CBD не е докажана замена за специфичната терапија на АДХД, а неговата дополнителна примена сепак бара индивидуална клиничка проценка.


Емоционална дисрегулација, раздразливост и агресивно однесување

Емоционалната дисрегулација е една од најчестите тешкотии со кои се соочуваме во детската психијатрија, независно од конкретната дијагностичка категорија.

Станува збор за деца кои реагираат со интензитет што значително ја надминува ситуацијата која ја предизвикала реакцијата. Незадоволена желба, поставена граница, прекин на омилена активност или промена на планот може да доведе до продолжени емоционални испади, плачење, агресивност или целосно губење на бихејвиоралната контрола.

Кај овие деца проблемот не е во самото постоење на емоцијата, туку во ограничената способност таа да се регулира.

Во рамките на дополнителните терапевтски пристапи, канабидиолот се употребува поради неговото влијание врз механизмите поврзани со стресниот одговор и емоционалната реактивност.

Посакуваниот клинички ефект е намалување на интензитетот и зачестеноста на емоционалните испади, полесно враќање во состојба на емоционална стабилност и подобра толеранција на секојдневните фрустрации.

Таквото подобрување има значење и за односот помеѓу детето и родителите. Кога секојдневието е помалку оптоварено со конфликти и интензивни реакции, се создава повеќе простор за позитивна интеракција, учење и развивање соодветни модели на однесување.


Анксиозност, стравови и сепарациски тешкотии

Анксиозноста во детската возраст не секогаш се манифестира како јасно препознатлив страв.

Малите деца честопати не можат да ја вербализираат сопствената вознемиреност, поради што таа се изразува преку раздразливост, плачливост, психомоторен немир, прекумерна приврзаност кон родителите, отпор кон одвојување, избегнување нови ситуации или телесни тегоби.

Кај некои деца се развива изразена потреба за предвидливост и контрола. Секоја промена во секојдневната рутина предизвикува вознемиреност, а соочувањето со непознати ситуации станува значителен извор на стрес.

Анксиолитичките својства на канабидиолот се од особен интерес во контекст на ваквите состојби, иако неговата клиничка ефикасност кај анксиозните растројства во раната детска возраст не е доволно утврдена.

Намалувањето на прекумерната анксиозност, како терапевтска цел, овозможува детето полесно да се одвојува од родителите, да прифаќа нови искуства, да воспоставува контакти со врсниците и постепено да развива поголема самостојност.

Особено е важно да се спречи анксиозноста да стане доминантен фактор кој го ограничува детето во неговата природна потреба да истражува, да учи и да ја запознава средината.


Сензорна преосетливост и тешкотии во обработката на надворешните стимули

Кај дел од децата, особено кај оние со невроразвојни специфичности, нервниот систем реагира со прекумерен интензитет на одредени стимули од околината.

Овие деца можат да бидат изразено чувствителни на звуци, светлина, допир, мириси, вкусови или текстури. Може да одбиваат одредена облека, да имаат селективност во исхраната, да избегнуваат места со повеќе луѓе или да реагираат со интензивна вознемиреност при изложеност на секојдневни стимули.

Продолженото сензорно оптоварување неретко доведува до зголемена раздразливост, замор, моторен немир и емоционални испади.

Во ваквите случаи, целта на дополнителниот терапевтски пристап е насочена кон намалување на придружната психофизиолошка напнатост и подобрување на способноста на детето да се справува со стимулите од средината.

Канабидиолот не е специфичен третман за нарушувањата на сензорната обработка. Неговата употреба во овој контекст се однесува на придружната вознемиреност и емоционална реактивност, паралелно со соодветните развојни интервенции.


Нарушувања на сонот

Нарушувањата на сонот се исклучително чести кај децата со невроразвојни, емоционални и бихејвиорални тешкотии.

Продолженото време на заспивање, честите ноќни будења, немирниот сон и тешкотиите во воспоставувањето стабилен ритам на спиење не влијаат само врз одморот на детето, туку и врз неговото целокупно дневно функционирање.

Сонот има суштинска улога во созревањето на нервниот систем, меморијата, учењето, вниманието и емоционалната регулација.

Детето кое не спие доволно често е пораздразливо, поимпулсивно, моторно поактивно и има помал капацитет да се справи со барањата на средината.

Кај децата кај кои тешкотиите со заспивањето се придружени со изразена внатрешна напнатост и неможност за релаксација, влијанието на канабидиолот врз механизмите поврзани со сонот и стресниот одговор е од клинички интерес.

Подобрувањето на сонот е една од најзначајните терапевтски цели, бидејќи неговите позитивни ефекти се одразуваат врз речиси сите аспекти на функционирањето на детето – расположението, концентрацијата, учењето, однесувањето и толеранцијата на фрустрација.

Истовремено, подобриот сон на детето значи и помало физичко и емоционално оптоварување за целото семејство.

При примената на CBD неопходно е да се прави разлика помеѓу вистинско подобрување на сонот и поспаност како несакан ефект. 


Моторни и вокални тикови и Туретов синдром

Тиковите се релативно честа појава во предучилишната и особено во раната училишна возраст. Претставуваат ненадејни, брзи, повторувачки движења или вокализации кои детето не може целосно волево да ги контролира.

Моторните тикови најчесто се манифестираат преку зачестено трепкање, гримасирање, движења со носот, главата, вратот или рамената, додека вокалните тикови можат да се манифестираат преку прочистување на грлото, поткашлување, шмркање или повторувачко испуштање звуци.

Кај Туретовиот синдром се присутни повеќекратни моторни и најмалку еден вокален тик во текот на растројството.

Тиковите често имаат варијабилен интензитет. Можат да бидат речиси незабележливи во одреден период, а значително да се интензивираат при замор, емоционална вознемиреност, стрес, анксиозност или зголемени барања од средината.

Кај дел од децата, на тиковите им претходи непријатно чувство на внатрешна напнатост, кое привремено се намалува по изведувањето на движењето или вокализацијата.

Дополнително оптоварување претставува и реакцијата на околината. Постојаното предупредување на детето да престане со движењата, коментарите од врсниците и обидите за волева контрола можат дополнително да ја зголемат вознемиреноста.

Поради улогата на ендоканабиноидниот систем во моторната регулација и стресниот одговор, канабидиолот се разгледува и во контекст на придружната психофизиолошка напнатост кај овие деца.

Особено е важно да се препознаат и придружните тешкотии, како што се анксиозноста, АДХД, опсесивно-компулсивната симптоматологија и нарушувањата на сонот, кои неретко претставуваат поголемо функционално оптоварување од самите тикови.

Терапевтската цел е намалување на оптоварувањето на детето, подобро социјално функционирање и спречување на развојот на секундарна анксиозност и нарушена самодоверба. 


КАНОИЛ како дел од индивидуализираниот пристап кон детето

Достапноста на КАНОИЛ на Реплек овозможува пристап до CBD формулации на домашниот пазар и го проширува спектарот на препарати што можат да бидат предмет на индивидуална лекарска проценка.

Во детската психијатрија особено е важно терапијата да не биде насочена исклучиво кон дијагнозата, туку кон конкретните тешкотии кои го ограничуваат функционирањето на детето.

Кај едно дете со аутизам најголем проблем може да биде сензорната преосетливост, кај друго агресивноста и емоционалните испади, а кај трето нарушувањата на сонот. Слично е и кај децата со АДХД, анксиозност или тикови.

Токму затоа, при примена на КАНОИЛ неопходно е однапред да се определат симптомите кон кои е насочен третманот и континуирано да се следат промените во функционирањето на детето.

Особено внимание треба да се посвети на составот и концентрацијата на конкретната формулација, возраста на детето, придружните заболувања и истовремената употреба на други медикаменти.

Иако канабидиолот е од природно потекло, може да предизвика несакани ефекти, меѓу кои поспаност, гастроинтестинални тегоби, промени во апетитот и хепаталните ензими, како и интеракции со други лекови. 


Кога подобрувањето на еден симптом го менува секојдневието на детето

Во детската психијатрија, успешноста на еден терапевтски пристап не се проценува само преку намалувањето на одреден симптом, туку пред сè преку промените кои тоа ги носи во животот на детето.

За родителот, подобрувањето може да значи дете кое полесно заспива, поретко реагира со интензивни емоционални испади, полесно прифаќа промени или поуспешно се справува со секојдневните фрустрации.

За наставникот, тоа може да значи дете кое подобро учествува во наставата и полесно воспоставува односи со врсниците.

За логопедот или дефектологот, дете кое има поголем капацитет за соработка и усвојување нови вештини.

Но најголемото значење ваквото подобрување го има за самото дете. Тоа добива можност да стекнува позитивни искуства, да развива самодоверба, да биде посамостојно и постепено да ги надминува ограничувањата кои му го отежнуваат секојдневието.

Во раната детска возраст секоја новостекната способност претставува основа за развивање на следната. Затоа и навидум малото клиничко подобрување може да има значително развојно значење.


Целта на третманот не е детето едноставно да биде помирно, туку да биде пофункционално, емоционално постабилно, поприсутно во сопственото секојдневие и да има можност да ги развива своите способности во најголема можна мера.


Kанабидиолот (CBD) во современиот пристап кон развојните, емоционалните и бихејвиоралните тешкотии кај децата — фотографија 1Kанабидиолот (CBD) во современиот пристап кон развојните, емоционалните и бихејвиоралните тешкотии кај децата — фотографија 2Kанабидиолот (CBD) во современиот пристап кон развојните, емоционалните и бихејвиоралните тешкотии кај децата — фотографија 3