Совети
Maja Димоска од Научна кујничка: Недостигаат концентрацијата и трпението кај децата во во ова динaмично време
Во време кога детското внимание сè потешко се задржува, „Научна кујничка“ нуди освежувачки пристап кон учењето – преку игра, практични експерименти и љубопитност. Разговаравме со Маја Димоска, дипломиран професор по предучилишно воспитание и магистранд по педагогија со долгогодишно искуство во работата со деца, за тоа како малите главички стануваат големи истражувачи, зошто грешките се најдобриот учител и како изгледа една вистинска роденденска научна авантура.
1. Поаѓајќи од теориите на Пијаже дека децата учат поинаку од возрасните, како практично изгледа еден час во „Научна кујничка“?
Во „Научна кујничка“ веруваме дека децата најдобро учат кога самите истражуваат, експериментираат и доаѓаат до одговорите. Токму затоа нашите работилници не се засноваат на класично предавање, туку на активно учество на секое дете. Секој работилница започнува со однапред утврдена тема поврзана со претходната работилница. Следува интересно и кратко воведно објаснување, поставување прашања и поттикнување на размислување и барање одговори. Преку практични експерименти децата можат да го видат, допрат и доживеат за она на што е посветена конкретната работилница. На тој начин науката станува искуство кое долго се памети.

2. Како ги трансформирате децата од пасивни слушатели во мали научници кои сами доаѓаат до заклучоци?
Најважно е да им дадеме простор на децата да размислуваат, да прашуваат и да грешат. Кај нас не постои погрешно прашање, ниту погрешен одговор. Секој обид е можност за ново откритие. Ние не им ги даваме веднаш готовите одговори, туку ги водиме низ процесот на откривање. Поставуваме прашања: „Што мислиш дека ќе се случи?“, „Зошто се случи тоа?“, „Што би се случило ако пробаме поинаку?“. Децата учат да набљудуваат, да споредуваат, да размислуваат и да извлекуваат заклучоци. Така, од деца кои првично очекуваат некој да им објасни, постепено стануваат мали истражувачи кои со нетрпение сакаат сами да откријат нешто ново.
3. Освен научните факти, како работилниците им помагаат на децата да развијат внимание, самодоверба и социјални вештини?
За нас, придобивките од работилниците се многу поголеми од самото усвојување научни знаења. При секој експеримент децата треба да слушаат инструкции, да следат чекори, да набљудуваат и да го насочат своето внимание кон она што го истражуваат. Тоа природно ја поттикнува концентрацијата и трпението што им недостига на децата во ова динамично време. Самодовербата се гради кога детето ќе успее самостојно да направи експеримент, ќе ја изнесе својата претпоставка или ќе дојде до сопствено откритие. Особено ни е важно секое дете да се почувствува успешно и вреднувано. Работејќи во мали групи, децата учат да соработуваат, да споделуваат материјали, да ги слушаат идеите на другите и да ги почитуваат различните мислења. Науката ни е алатка преку која, покрај знаењето, ги развиваме и вештините потребни за животот.
Би сакала децата да си заминат со една многу важна порака: да не престануваат да бидат љубопитни. Да не се плашат да поставуваат прашања, да истражуваат, да пробуваат и да размислуваат со своја глава. Да разберат дека грешките не се неуспех, туку дел од учењето и откривањето. Можеби нема да ги запомнат сите научни факти што ги обработуваме, но сакаме да ја понесат желбата за знаење, храброста да пробаат нешто ново и вербата во сопствените способности.

4. Покрај едукативната програма, организирате и родендени. Како изгледа еден роденден во „Научна кујничка“?
Родендените во „Научна кујничка“ се поинакви од класичните детски прослави. Наместо вообичаена роденденска забава, децата добиваат можност да бидат мали научници и да доживеат вистинска научна авантура. Роденденот трае два часа и е исполнет со интересни експерименти, истражување, смеа и диско-забава. Сите деца добиваат лабораториски мантили и заштитни очила, а заедно со славеникот учествуваат во научно-забавната програма. Нашата идеја е роденденот да биде посебно доживување, исполнето со научно-забавни моменти кои децата долго ќе ги паметат.
5. Што е потребно за некој да отвори „Научна кујничка“ во друг град?
За отворање нова локација најважни се желбата за работа со деца, посветеноста и вербата во поинаков начин на учење. Преку нашиот франшизен модел, партнерите не започнуваат сами од почеток. Од наша страна добиваат комплетна поддршка во процесот на подготовка и отворање и на центарот, стручна обука, едукативна програма, насоки за реализација на работилниците, како и континуирана поддршка во текот на работењето. Особено ни е важно секоја нова локација да ги задржи квалитетот, пристапот и вредностите на „Научна кујничка“. Не шириме само бренд, туку една образовна филозофија во која децата учат преку искуство, истражување и откривање.



