Магазин

Инспирации

Дали на децата им треба волшебно килимче?

Сподели:
Дали на децата им треба волшебно килимче?

Кога бев дете, мислев дека волшебните килимчиња служат за летање, денес, како родител, често посакувам да имам едно.

Живееме во време во кое промената е постојана. Децата растат во свет полн со информации, споредби, очекувања и брзо темпо. Како родители често сакаме да ги подготвиме за тој свет – да бидат успешни, самостојни, отпорни и сигурни во себе.

Но што ако една од најважните вештини што можеме да им ја подариме не е поврзана со знаење, туку со состојба? Што ако ги научиме како да се вратат на местото во себе каде што веќе постојат храброста, смиреноста, радоста и вербата во себе?


Токму од таа идеја се роди #ВолшебнотоКИЛИМЧЕ, иако личи на детска книга, таа е семејна книга. Приказна што ги поканува децата да ги собираат своите среќни сеќавања и да станат нивни чувари. Но истовремено е и потсетник за нас, Големите, дека и ние имаме потреба од истото. Затоа што понекогаш не ни треба нов совет, понекогаш ни треба само пат назад до едно убаво чувство, место каде што повторно се чувствуваме сигурни, сакани, храбри или мирни.


Во основата на книгата стои едноставна техника од NLP методологијата „Круг на извонредност“, моќна алатка што нè учи како свесно да пристапиме до состојбите што ни се потребни. Секој од нас веќе бил храбар, смирен, истраен, сигурен во себе... понекогаш само ни треба начин повторно да ги повикаме тие состојби кога најмногу ни се потребни.



Во книгата главните ликови се Огнен и Елена, не случајно, тие не само што ја живееја приказната додека ја создававме, туку се и илустратори на книгата. Така #ВолшебнотоКИЛИМЧЕ стана семеен проект уште пред да стане семејна книга.

Верувам дека децата не учат од нашите совети, туку од нашата состојба.

Тие не нè слушаат само што зборуваме, тие нè гледаат како живееме, како реагираме кога е тешко, како се справуваме со предизвиците, како зборуваме за себе, како зборуваме за другите.



Затоа оваа книга не е само за нив, таа е и за нас – родителите. За сите моменти кога ќе ни затреба едно мало потсетување дека во нас веќе постои повеќе сила отколку што мислиме. И дека понекогаш најважното патување не е кон некое ново место, туку назад кон себе. 


Приказните имаат една интересна особина, можат да нѐ инспирираат, НО само искуствата нѐ менуваат. Затоа покрај книгата создадов и мал семеен подарок 5-дневен предизвик „Чувар на среќните сеќавања“. Идејата е едноставна, 5 дена по ред, родителот и детето одвојуваат по време и одговараат на едно исто прашање: „Кои се нашите среќни сеќавања?“ Не затоа што сакаме да живееме во минатото, туку затоа што сакаме свесно да ги забележиме моментите што вреди да се паметат и да ни бидат ресурс кога ќе ни затребаат.

Понекогаш мислиме дека децата ќе ги паметат големите работи, но најчесто остануваат малите повторливи моменти – насмевка, прегратка, песна, муабет пред спиење, виц што повторно и повторно се кажува...


Токму тие мали моменти, еден ден стануваат среќни сеќавања на кои со насмевка ќе им се навраќаме и „конците“ со кои ќе го „сплетат“ своето #ВолшебноКИЛИМЧЕ.


Да бидеме креатори и чувари на среќните семејни сеќавања и да им помогнеме на децата да станат чувари на своите. Затоа што еден ден токму тие мали моменти можат да станат внатрешно место на кое ќе се враќаат кога животот ќе стане тежок. Тоа е вистинската магија на #ВолшебнотоКИЛИМЧЕ, не да нè однесе некаде далеку, туку да ни помогне да се вратиме кон најдоброто од себе.


#Благодарам од 💛

Ана Салтирова-Давидовски

www.AnaSaltirova.mk