Магазин

Совети

Интервју со логопед Илина Недановска: Рана проценка, поддршка и заблуди

Сподели:

Говорот и комуникацијата се меѓу најважните темели во детскиот развој, но процесот на нивно формирање често носи низа дилеми и предизвици за родителите. Кога е вистинското време за посета на логопед, кои рани знаци не треба да се игнорираат и каква е улогата на семејството во овој процес?

За овие и многу други важни прашања разговараме со логопед Илина Недановска, која со својата стручност и практично искуство ни ги открива најважните аспекти на говорно-јазичниот развој, значењето на раната интервенција, како и најчестите митови и заблуди поврзани со логопедската професија.

1. Кои се најчестите предизвици и нарушувања во говорот со кои се среќавате во вашата секојдневна пракса?

Во секојдневната логопедска пракса се среќаваме со различни говорно-јазични нарушувања чија појава и изразеност се разликуваат од едно до друго дете. Меѓу најчестите се доцнењето во развојот на говорот и јазикот, неправилниот изговор на гласовите, потешкотиите во формирањето реченици, сиромашниот речник, како и нарушувањата на флуентноста, односно пелтечењето.

Се среќаваме и со деца кои имаат потешкотии во разбирањето на говорот, раскажувањето, усвојувањето на предвештините за читање и пишување, како и во развојот на функционалната комуникација. Кај одредени деца, овие потешкотии може да бидат поврзани со пошироки развојни состојби и да бараат мултидисциплинарен пристап, односно соработка меѓу логопед, дефектолог и други стручни лица.

Важно е да се нагласи дека не постои ист пристап и третман за секое дете. Секое дете има индивидуално темпо на развој, но кога одредени вештини значително отстапуваат од очекуваните развојни достигнувања, потребни се стручна проценка и соодветна поддршка. Нашата цел не е само правилен изговор на гласовите, туку развој на функционален говор, јазик и комуникација што ќе му овозможат на детето полесно да ги изразува своите потреби, мисли, чувства и знаења.

2. Кои се првите знаци што родителите можат да ги забележат кај своето дете, а кои укажуваат дека е потребна консултација со логопед?

Родителите се првите што можат да забележат промени или отстапувања во комуникацијата на своето дете. Некои од раните знаци на кои треба да обрнат внимание се отсуството или ограниченоста на гестовите, покажувањето и споделувањето интерес со другите, невоспоставување контакт со возрасен (независно дали тоа ќе биде родител или некој друг), нереагирање кога ќе биде повикано по име, ограниченото разбирање на едноставни инструкции и отсуството на очекувани говорни достигнувања за возраста.

Подоцна, предупредувачки знаци може да бидат ограничениот речник, недостигот од спонтано поврзување зборови во реченици, тешкотиите во разбирањето и прераскажувањето, како и говорот што е тешко разбирлив за околината. На пример, кај дете на возраст од три години очекуваме да се развива способноста за спонтано составување реченици од повеќе зборови и започнување со користење на дел од предлози и прилози во реченица, а не комуникацијата да се сведува претежно на поединечни зборови.

Исто така, важно е да се реагира доколку детето престане да користи зборови или комуникациски вештини што претходно ги имало. Во таков случај, потребна е навремена стручна логопедска проценка.

Сепак, еден изолиран знак не значи автоматски дека детето има нарушување. Затоа, наместо родителите сами да поставуваат заклучоци или да чекаат предизвикот со говорот да стане поизразен кај детето, најдобро е да се консултираат со логопед. Раната проценка овозможува да се утврди дали развојот се одвива очекувано и дали е потребна дополнителна поддршка.

3. Колку е важна раната интервенција за успехот во терапијата и која е оптималната возраст за првиот преглед?

Раната интервенција е исклучително важна затоа што овозможува потешкотиите да се препознаат навреме, да се проценат индивидуалните потреби на детето и да се започне со соодветна стимулација кога за тоа постои потреба. Во раното детство, развојот на мозокот, јазикот и комуникацијата е особено динамичен, па соодветните искуства и стручната поддршка можат значително да придонесат за развојот на овие способности.

Не постои една единствена возраст што е оптимална за првиот логопедски преглед кај сите деца. Логопедската проценка може да биде корисна и во најраната возраст, особено ако постојат сомневања за доцнење во комуникацијата, разбирањето или појавата на првите зборови. Доколку родителите забележат дека детето не ги достигнува очекуваните развојни фази за својата возраст, не треба да чекаат да наполни две, три или четири години за да побараат совет.

Од друга страна, логопедскиот преглед не значи дека секое дете веднаш ќе започне со третмани. По проценката, може да се препорача следење на развојот, насоки за поттикнување на говорот во домашни услови или организирани логопедски третмани, зависно од индивидуалните потреби.

Најважно е да не се чека детето да ја надмине потешкотијата само од себе, доколку постојат показатели дека му е потребна помош. Раната интервенција не значи дека нешто не е во ред со детето, туку дека навреме сме препознале можност да го поддржиме неговиот развој.

4. Која е улогата на родителите и семејството во процесот на совладување на говорните потешкотии надвор од логопедските третмани?

Улогата на родителите е незаменлива во процесот на развој и рехабилитација на говорот. Родителите се „соработници“ на логопедот. Логопедскиот третман е структуриран и насочен кон конкретни цели, но детето најголем дел од времето го поминува во својата природна средина, каде што има бројни можности за спонтана комуникација и примена на научените вештини.

Родителите можат да придонесат преку секојдневни разговори, заедничко читање сликовници, именување предмети и активности, поставување прашања соодветни на возраста, игра и поттикнување на детето да ги изразува своите потреби и мисли. Особено важно е да му дадат доволно време да одговори, внимателно да го слушаат и да ги надградуваат неговите искази без постојано исправување, притисок или барање да го повторува секој збор.

На пример, ако детето каже „мама сок“, родителот може природно да одговори: „Сакаш мама да ти даде сок?“. На овој начин, детето добива правилен јазичен модел во реална комуникациска ситуација.

Исто така, важно е родителите да ги следат препораките на логопедот, да ги спроведуваат активностите зададени од логопедот во домашни услови и отворено да разговараат за напредокот или тешкотиите што ги забележуваат. Соработката меѓу логопедот и семејството треба да се заснова на доверба, разбирање и заедничка цел. Родителите не треба да ја преземаат улогата на терапевт, туку да создадат средина во која детето ќе има можност да комуницира, да учи и да напредува без страв од грешки. Кога стручната работа е поврзана со секојдневните комуникациски ситуации, се создаваат подобри услови за пренесување на стекнатите вештини во реалниот живот.

5. Кои се најчестите митови или заблуди што луѓето ги имаат за логопедската професија и за развојот на говорот кај децата?

Една од најчестите заблуди е верувањето дека детето ќе прозбори само од себе и дека треба да му се даде време, дури и кога постојат јасни показатели за доцнење во развојот. Точно е дека децата се развиваат со различно темпо, но исто така треба да се знае дека постојат одредници до која возраст детето треба да прозбори и колкав треба да биде фондот на зборови за возраста. Индивидуалните разлики не треба да бидат причина за игнорирање на развојните предупредувачки знаци.

Втора честа заблуда е дека логопед е потребен само кога детето неправилно ги изговара гласовите. Логопедската професија има многу поширок опсег и опфаќа проценка и третман на потешкотии во разбирањето и користењето на јазикот, комуникацијата, флуентноста, гласот и голтањето, когницијата, зависно од стручната област и компетенциите на логопедот. Логопедската поддршка не е наменета само за деца, туку и за возрасни лица кои имаат потреба од говорно-јазична рехабилитација.

Често се верува и дека детето ќе ги совлада предизвиците со говор само со слушање, со гледање цртани филмови или преку спонтаното созревање. Иако изложеноста на јазикот е важна, развојот на комуникацијата бара и активно учество, интеракција, заедничко внимание и одговори од страна на возрасните. Екраните не можат да ја заменат живата комуникација и заедничката игра.

Друга заблуда е дека ако детето разбира сè, тогаш нема причина за загриженост. Разбирањето и изразувањето се различни јазични способности, па детето може да има добри способности за разбирање, а сепак да има тешкотии во изразувањето, формирањето реченици. Што тоа понатаму носи други психолошки предизвици (нервоза, фрустрација, ниска самодоверба) кај детето, затоа што не може да се изрази правилно.

На крајот, важно е да се запомни дека посетувањето логопед не треба да се доживува како стигма или како доказ дека детето има сериозен проблем. Напротив, тоа е одговорен чекор кон подобро разбирање на неговите потреби и обезбедување соодветна поддршка.

Интервју со логопед Илина Недановска: Рана проценка, поддршка и заблуди — фотографија 1Интервју со логопед Илина Недановска: Рана проценка, поддршка и заблуди — фотографија 2Интервју со логопед Илина Недановска: Рана проценка, поддршка и заблуди — фотографија 3