Совети
Крвавење од нос кај деца – причини и правилен начин на третирање
Крвавење од носот или епистакса, е многу честа појава во детската возраст. Во најголем број случаи станува збор за безопасно крвавење од предно-долниот дел на носната преграда, најчесто од областа на Киселбаховиот сплет, место каде што крвните садови се површно, субмукозно поставени и лесно може да се повредат.
Повторувачкото краврење од нос во детската возраст најчесто е бенигна и самоограничувачка состојба, поврзана со анатамоските и функционалните особености на носната слузница во детската возраст. Кај значителен број деца, со растењето и созревањето на носната слузница, епизодите на крверење постепено се намалуваат и спонтано исчезнуваат.
Најчести причини
Кај децата најчести се локалните причини за крвавење од нос, особено:
чепкање на носот и механичка траума на слузницата
сува и иритирана носна слузница, особено во периоди со сув воздух и за време на грејна сезона
вирусни инфекции на горните дишни патишта
алергиски ринитис и хронично воспаление на носната слузница
често или силно дување на носот
траума во пределот на носот
присуство на туѓо тело во носот, особено при еднострано, повторливо или крвавење пропратено со гнојав секрет и непријатен мирис од носот
неправилна или прекумерна употреба на одредени локални назални препарати
Поретко епистакстата може да биде поврзана со нарушување на коагулацијата, тромбоцитопенија или други системски заболувања, особено ако детето има и други знаци на крвавење, лесно добива модринки или има позитивна семејна анамнеза за коагулопатија.
Што треба да направат родителите при краврење од нос?
Најважно родителот да остане смирен иако краврењето може да делува драматично и да биде обилно, најчесто не е опасно. Детето треба да се постави во седечка положба, со главата благо наведната нанапред. Не треба да ја забрзуваме постапката со забрзано дување или бришење на носот. Потребно е со палецот и показалецот да се притисне мекиот дел на носот, под коскениот дел и притисокот да се одржува континуирано 10 минути без отпуштање за проверка. Ако крвавењето продолжи, притисокот може да се повтори. Не се препорачува навалување на главата наназад поради слевање на крвта према грлото и голтање на истата.
Покрај механичката компресија, во третман на активни крвавења од нос како и превентивно, се препорачува и употреба на хемостатски назален гел кој е достапен во аптеките, едноставно се аплицира во носот и е наменет за запирање на благо до умерено крвавење од носот кај деца над 2 години и возрасни.
Неговото дејство е пред се механичко-гелот создава притисок врз крвниот сад во носот, со што го попречува протокот на крв и придонесува за запирање на крвавењето. Благодарение на практичната форма за апликација, гелот овозможува локална примена директно во носната празнина, согласно упатството за употреба.
Кога е потребен лекарски преглед?
Кога крвавењето е обилно и не престанува со правилна компресија
Епизодите се чести и повторливи
Крвавењето се јавува секогаш од истата ноздра
Постои сомневање за туѓо тело во носот
Детето има затнат нос, болка или други симптоми
Има лесно создавање модринки или други крвавења како и семејна историја за нарушување на коагулацијата
Превенција
Кај дете со склоност кон повторливи краврења важно е да се одржува добра хидаратација на носната слузница, да се избегнува чепкање на носот и силно дување, а доколку постои алергиски ринит или хронична назална иритација тие состојби треба соодветно да се третираат. При честа појава на епистакси се препорачува и употреба на витамин ц заради зајакнување на ѕидот и отпорноста на капиларите и намалување на склоноста кон крвавење.
Пишува
д-р Бојана Силјановска Новачкова – специјалист оториноларинголог во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања “Kозле”


