Совети
МОРБИЛИ (МАЛИ СИПАНИЦИ) – ВИСОКОКОНТАГИОЗНА ВИРУСНА ИНФЕКЦИЈА И ЗНАЧЕЊЕТО НА НАВРЕМЕНАТА ПРЕВЕНЦИЈА
Морбилите (Measles) претставуваат акутно, високо контагиозно вирусно заболување предизвикано од вирусот на морбили (Measles morbillivirus), кој припаѓа на фамилијата *Paramyxoviridae*. И покрај постоењето на безбедна и високоефикасна вакцина, морбилите и понатаму претставуваат значаен јавно-здравствен предизвик, особено во популации со недоволен вакцинален опфат.
Вирусот се пренесува преку воздухот, со инхалација на инфективни аеросолни честички кои се ослободуваат при дишење, кашлање и кивање. Вирусот може да остане инфективен во воздухот до два часа по напуштањето на просторијата од страна на инфицираното лице. Токму ова е тоа што го прави уште поинфективен и може да предизвика полесно ширење на инфекцијата. Поради исклучително високата контагиозност, кај невакцинираните и имунолошки некомпетентните лица ризикот од инфекција по изложеност е особено висок.
По внесување на вирусот во организмот започнува борбата на нашиот организам со вирусот и тој период е период кога се размножува вирусот и тој период се нарекува инкубациски период. Инкубацискиот период најчесто изнесува 10–14 дена до појава на првите симптоми.
Првите симптоми кои се појавуваат всушност не се специфични за морбилите туку тие наликуваат како и секои други симптоми при вирусни инфекции. Овој период се нарекува Катарален период т.е. период на катарални(неспецифични) знаци. Симптомите кои се забележуваат во овој период се малаксалост, главоболка, покачена температура, болки во цело тело, кивање, течење носе и сл. Тој трае од 2-4 до 7 дена. Токму овие денови детето е најзаразно и најмногу ја шири инфекцијата.
После овој период се појавуваат карактеристичните знаци за морбили т.е. појава на т.н. Копликови дамки, кои се јавуваат 1-2 дена пред осипот и потоа се појавува карактеристичниот макулопапулозен осип, кој се појавува околу 14 дена од контактот со инфицирано лице. Тоа е тн. Егзентематозна фаза. Исипот започнува од лицето и се шири постепено кон трупот и екстеремитетите.
Компликации и клиничко значење
Морбилите не претставуваат само егзантематозна детска инфекција, туку системско вирусно заболување кое може да предизвика сериозни компликации.
Најчестите компликации вклучуваат акутен отитис медија, дијареја и пневмонија. Потешките форми можат да бидат придружени со акутен енцефалитис, респираторна инсуфициенција и други животозагрозувачки состојби.
Особено значајно е влијанието на вирусот врз имунолошкиот систем. Инфекцијата може да предизвика т.н. **имунолошка амнезија**, односно губење на дел од претходно стекнатата имунолошка меморија, со што се зголемува подложноста кон други инфекции во периодот по прележувањето.
Ретка, но исклучително сериозна доцна компликација е субакутниот склерозирачки паненцефалитис (SSPE), прогресивно невродегенеративно заболување кое може да се развие неколку години по примарната инфекција.
Најголем ризик од компликации имаат децата на возраст под пет години, имунокомпромитираните пациенти, бремените жени и лицата со нутритивни дефицити, особено дефицит на витамин А.
Дијагностика и терапевтски пристап
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, епидемиолошката анамнеза и лабораториската потврда, најчесто со детекција на специфични IgM антитела и/или молекуларна детекција на вирусната РНК со RT-PCR.
Не постои специфична антивирусна терапија која рутински се препорачува за морбили. Третманот е претежно супортивен и вклучува одржување соодветна хидратација, контрола на телесната температура, нутритивна поддршка и навремено препознавање на компликациите. Кај децата со морбили, суплементацијата со витамин А се спроведува според релевантните клинички препораки, со соодветна доза според возраста и под медицински надзор.
Улогата на матичниот педијатар
Педијатарот има централна улога во навременото препознавање на сомнителните случаи, проценката на ризикот, спроведувањето на соодветни мерки за изолација и едукацијата на родителите за значењето на редовната имунизација.Важно е да се нагласи дека детето е инфективно уште во продромалниот период, односно пред појавата на карактеристичниот осип.
За педијатриската пракса, особено е важно што во оваа рана фаза морбилите можат да наликуваат на неспецифична респираторна инфекција.
При сомневање за морбили, неопходни се итна изолација со мерки за воздушна трансмисија, соодветно лабораториско испитување и пријавување до надлежните епидемиолошки служби.
Заклучок
Морбилите претставуваат сериозно, но вакцинопревентабилно инфективно заболување. Нивното клиничко значење не се ограничува на акутната фаза на инфекцијата, туку ги опфаќа и потенцијалните долгорочни последици врз имунолошкото и невролошкото здравје.
Континуираната едукација, навременото клиничко препознавање и одржувањето висок вакцинален опфат претставуваат основни столбови на успешната превенција.
д-р Драгана Емел Маркоска
специјалист педијатар во Јуниор Мед
