Магазин

Совети

Интервју со сенсеи Симона Трајкоска: Најголемата победа е кога срамежливо дете ќе стекне самодоверба на татамите

Сподели:

Кога едно дете на првиот тренинг едвај се осмелува да застане во ред, а по неколку месеци самоуверено им покажува вежба на почетниците, тоа е вистинската победа на спортот. За Симона Трајкоска, тренер во скопскиот карате-клуб „Yoshitaka“, каратето е многу повеќе од медали и натпревари. Тоа е место каде децата учат на почит, трпение, самоконтрола и како смирено да се справат со предизвиците надвор од салата. Во овој разговор таа открива како преку игра и дисциплина се гради детската самодоверба, зошто децата учат само од личен пример и како семејната карате-традиција продолжува да инспирира нови генерации.

1. Како започна Вашата приказна со каратето и што толку години Ве држи поврзани со него?

За моја среќа, дел сум од една многу убава карате-приказна. Љубовта кон каратето ми ја пренесе татко ми, сенсеи Живко Тасевски, носител на 10. дан. Кај нас дома каратето беше начин на живот. Се шегувам дека и проодев во сала, бидејќи секој ден бев со татко ми на тренинг.

Официјално почнав да тренирам кога тргнав на училиште, на шест години. Потоа дојдоа натпреварите, а со текот на времето и тренерската работа. Денес најмногу ме радува кога ќе видам како дете што на првиот тренинг едвај се осмелувало да застане во ред, по некое време самоуверено им покажува вежба на новите деца. Во тие моменти ми е особено мило што можам да им пренесам дел од она што татко ми ми го пренесе мене.

2. Кои вредности им ги пренесувате на децата и што најмногу добиваат од каратето?

На тренинзите многу ни значат почитта, трпението и самоконтролата. Децата ги учат преку мали, секојдневни работи. Се поздравуваат со противникот пред почеток и по завршување на натпреварот, се поклонуваат пред да влезат или излезат од сала, чекаат да им дојде редот, внимаваат едни на други додека вежбаат и се обидуваат повторно кога нешто нема да им успее. Со текот на времето учат и како да останат смирени кога некој ќе ги испровоцира, а тоа им користи и надвор од салата.

Кај многу деца најубаво се гледа промената во самодовербата. На почетокот често ќе ми речат „Јас ова не можам“. По неколку тренинзи ќе дојдат сами да ми покажат што совладале. Мене ми е важно да го забележат сопствениот напредок, без разлика дали еден ден ќе посакаат да се натпреваруваат или ќе продолжат да тренираат за свое задоволство.

3. Кои се најзначајните достигнувања на Yoshitaka низ годините?

Нашата приказна започнува во 1967 година, со карате-секцијата на „Партизан 3“. Низ клубот поминале многу генерации, а голем дел од нашите натпреварувачи ја претставувале Македонија на меѓународни првенства. Мене лично ми е особено драг медалот во екипна ката за сениорки од Европското првенство во Тенерифе во 2005 година, под водство на татко ми, и тоа е еден од најубавите спомени од моите натпреварувачки години.

Ме радува што и денешните генерации имаат свои големи моменти. На Светското шотокан првенство во Софија во 2025 година нашата машка екипа (деца родени 2016 година) освои злато во ката, освоивме со екипата и други медали.... Меѓу нив, јас повторно по скоро 20 години застанав на татамите овој пат како ветеранка во кати поединечно освоив светско злато. Ми беше посебно што тој натпревар го доживеав и како тренер и како натпреварувачка, додека татко ми е активен како тренер а син ми активен како натпреварувач. 

Неодамна на Европското шотокан првенство во Софија во 2026 година клубот освои девет медали, меѓу кои и две злата во екипна ката.

4. Со кои возрасни групи работите и каде можат да ве најдат заинтересираните?

Во Yoshitaka работиме со деца, тинејџери и возрасни. Пристапот го приспособуваме на возраста и искуството. Со најмалите почнуваме со едноставни вежби за движење и координација, па постепено ги воведуваме во основите на каратето. Со поискусните работиме на усовршување на техниката, полагање за појаси и, за оние што сакаат, подготовка за натпревари. 

Тренираме во Скопје. За упис и за информации за салите и термините, може да нè побарате на 071 308 434 и 071 209 050. Може да нè заследите и на нашите профили на Фејсбук и Инстаграм и да видите како изгледа еден наш тренинг. Ако детето е љубопитно, а сè уште се двоуми, слободно може да нè посетите во една од двете сали каде што имаме тренинзи, Партизан 3 во Градскиот парк и Доџо Златната генерација во Кисела Вода. 

5. Како ги балансирате работата, семејството и тренинзите?

Има недели кога сè убаво се вклопува, а има и денови кога распоредот се менува од час во час. Каратето ми помага однапред да си одредам што е најважно, да се договарам со семејството и да прифатам дека понекогаш нешто ќе почека до утре. Секако, љубовта и разбирањето во семејството се на прво место и единствен предуслов за било каков успех на било кое поле. Ако го имаме тоа, работите полесно се организираат.

А од каратето најмногу ми користи навиката да се сосредоточам на она што во моментот е пред мене. Кога сум на тренинг, сакам навистина да бидам присутна со децата во салата. Кога сум дома, истото важи и за времето со семејството. А кога нешто ќе излезе од планот, ми помага да останам смирена и да видам што можам да направам во тој момент. Тоа е дисциплина што ја вежбам и денес. 


6. Kолку е важно жената да остане физички активна и каков пример им дава со тоа на своите деца?

За мене е важно жената да си остави време за движење што ѝ годи. Некогаш тоа е карате тренинг, некогаш е прошетка на Водно, некогаш точак, а често теретана, бидејќи во овие години тежинските тренинзи се задолжителни. Во денови полни со обврски, и малку време за себе може да ми помогне да се почувствувам подобро и да продолжам со повеќе енергија. Физичката активност ни помага подолго да останеме физички, а и психички здрави 😊

Во стресното време во кое живееме сметам дека спортот не е само хоби, туку задолжителна култура на живеење и грижа за себе.

Секогаш велам дека децата учат од пракса, а не од теорија. Јас пораснав гледајќи го татко ми како секојдневно оди на тренинг и така движењето природно стана дел од мојот живот. Сега сум мајка на 16 годишна ќерка и 10 годишен син и како втор приоритет на нашата листа, по училиштето, е да се занимаваат со спорт. Па така ќерка ми е редовна во теретана, што е супер мода меѓу младите и многу се радувам за тоа. Син ми веќе оди по моите стапки, и се радувам бидејќи го гледам како наследник на семејната карате традиција. 



Интервју со сенсеи Симона Трајкоска: Најголемата победа е кога срамежливо дете ќе стекне самодоверба на татамите — фотографија 1Интервју со сенсеи Симона Трајкоска: Најголемата победа е кога срамежливо дете ќе стекне самодоверба на татамите — фотографија 2Интервју со сенсеи Симона Трајкоска: Најголемата победа е кога срамежливо дете ќе стекне самодоверба на татамите — фотографија 3